Кој може да биде член на НЛБ Пензиски фонд

Осигуреници кои за првпат се вработиле по 1.1.2003 година, во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување задолжително членуваат во Вториот пензиски столб. Нововработените лица, веднаш по првото вработување привремено се распределуваат во еден од постојните задолжителни пензиски фондови од Вториот столб, по пат на случаен избор од страна на ПИОМ во соработка со МАПАС. Овие нововработени лица имаат законско право, во рок од 3 (три) месеци по првото вработување, да одберат во кој задолжителен пензиски фонд сакаат да членуваат.

Изборот на задолжителен пензиски фонд се прави со склучување на Договор за членство во избраниот задолжителен пензиски фонд. Доколку сами не изберат задолжителен пензиски фонд, овие лица ќе станат членови на задолжителниот пензиски фонд во кој претходно биле времено распределени. До овие трајно распределени членови НЛБ Нов пензиски фонд ќе достави писмено известување.

Во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување осигурениците кои припаѓаат на Глава VII од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (осигуреници под поповолни услови) и индивидуалните земјоделци се исклучени од членство во Вториот столб. Доколку осигурениците кои припаѓаат на глава VII од Законот за пензиско и инвалидско осигурување го променат својството на припадност на Глава VII од Законот за пензиско и инвалидско осигурување тие имаат право да се зачленат во задолжителен пензиски фонд по сопствен избор во рок од една година од промената на својството.

Осигурениците кои се зачлениле во задолжителен пензиски фонд, а потоа станале припадници на Глава VII од Законот за пензиско и инвалидско осигурување со бенефициран стаж по сопствен избор може да одлучат да го прекинат членството во задолжителен пензиски фонд и да се вратат во едностолбен пензиски систем, во рок од една година од промената на својството. Во тој случај сите уплатени придонеси за нив во Вториот столб се пренесуваат во Фондот на ПИОМ од каде лицето при пензионирање ќе ја зема целосната пензија. Осигурениците кои припаѓаат на глава VII од Законот за пензиско и инвалидско осигурување поради промена на својството на осигуреник, може само еднаш, по сопствен избор да го отповикаат утврдениот статус.

Ова право осигуреникот може да го изврши најдоцна во рок од една година од настанатата промена. Ова право се остварува преку Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, каде на интернет страната www.mapas.mk е поставен посебен формулар.

За оваа категорија на членови, со дополнителна одредба во Законот за пензиско и инвалидско осигурување се прецизира дека правото на старосна пензија може да го остварат од втор столб во согласност со одредбите кои се однесуваат за сите осигуреници и членови во вториот столб, или пак да се одлучат правото на старосна пензија да го остварат само од прв столб, при што средствата од вториот столб се пренесуваат во Фондот на ПИОМ.

За сите подетални информации овие осигуреници може да се обратат во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) на телефонскиот број 02/ 3224 229.

КАТЕГОРИИ НА  ОСИГУРЕНИЦИ  ЗА  КОИ  Е  УТВРДЕНО ОСЛОБОДУВАЊЕ  ОД  ПЛАЌАЊЕ  НА  ПРИДОНЕСИТЕ  ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ

Во согласност со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, се дефинираат категории на осигуреници кои, не се задолжителни членови во Вториот столб за време на периодот за кој е  утврдено ослободување  од  плаќање  на  придонесите  од задолжително социјално осигурување.

По истекот на периодот на ослободување од плаќање на придонеси од задолжително и социјално осигурување овие осигуреници стануваат задолжителни членови во Вториот столб.

Времето што таквите осигуреници го поминале во работен однос или биле самовработени со полно работно време, за кои е утврдено ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во согласност со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, се смета во стаж на осигурување.