Постапката за остварување право на пензија од вториот столб

Право да се користат средствата од индивидуалната сметка во Вториот столб се стекнува со остварување на право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во општ случај тоа значи пензионирање на возраст од 62 години за жена, односно 64 години за маж, со остварен работен стаж од минимум 15 години. Членовите на Вториот столб ќе примаат пензија и од Фондот на ПИОМ и од институцијата овластена за исплата на пензија од Вториот столб.
 
Кога член на НЛБ Пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, целиот износ на акумулираните средства на неговата сметка ќе се искористи, со право на личен избор на членот, за:
    а) Програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со задолжителниот пензиски фонд со кое членот ќе склучи договор за програмирани повлекувања;
    б) Привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет;
    в) Купување на доживотен непосреден ануитет кој се исплатува од друштвото за осигурување овластено за оваа цел.

Модалитетите под б) и в) ќе се применуваат откако ќе биде издадена првата дозвола за вршење на работа на осигурување во класата на ануитети и исплата на ануитети за корисниците на пензија.

Постапката за остварување право на пензија од вториот столб започнува со поднесување на барање на членот на пензискиот фонд за остварување право на старосна пензија до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. По спроведената постапка Фондот на ПИОМ доставува копија од донесеното решение со кое се признава или не се признава право на старосна пензија до пензиското друштво кое управува со пензискиот фонд каде што членува подносителот на барањето. Член на пензиски фонд кој има индивидуална сметка во пензиски фонд поднесува барање до пензиското друштво кое во негово име започнува со котација. Во барањето членот на пензискиот фонд определува кои видови на исплати на пензија сака да бидат вклучени во котацијата

 

Остварување право на пензија само од втор столб

Членот на пензиски фонд кој не остварил право на старосна пензија од Фондот за ПИОМ, поради неисполнување на законските услови, барањето за остварување право на пензија само од втор столб го поднесува до пензиското друштво кое управува со пензискиот фонд каде што тој е член.
 
Барањето за остварување право на пензија само од вториот столб се поднесува по наполнување на 65 години живот.  
Кон барањето членот приложува изјава заверена на нотар дека се откажува од правото на пензија од прв столб и правото на најнизок износ на пензија.

 

Доколку членот на пензискиот фонд не остварил право на старосна пензија од Фондот за ПИОМ, тој/таа може да избере меѓу:

 

    Еднократна исплата на средствата од втор столб од неговата индивидуална сметка

 

    Остварување на пензија само од средствата од втор столб, доколку пензијата е поголема или еднаква на 40% од најнискиот износ на пензија на денот на остварувањето право на пензија од втор столб.