Инвестициона стратегија

Инвестиционата стратегија е основниот документ кој ја одредува политиката на вложувањето на средствата на Отворениот задолжителен пензиски фонд НЛБ Пензиски фонд со кој управува НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.

Мисијата на Друштвото во поглед на управувањето со средствата на фондот е насочена кон остварување соодветен долгорочен принос на средствата на фондот имајќи ја пред сè во предвид суштинската улога на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, стапката на пораст на трошоците на живот и останатите основни системски параметри на пензиското осигурување.

За остварување на мисијата на долг рок, Друштвото определува планирана годишна стапка на номинален принос од 5%. Со оглед на актуарската проекција за годишна инфлација во дефинираниот временски хоризонт од 1,86% (Проценка на индекс на трошоци на живот – icpi од Јули 2016), планираната годишна стапка на реален принос изнесува 3,08%. Планираниот номинален и реален принос се базираат на одредени претпоставки и очекувања чија валидност се преиспитува еднаш годишно, и истите можат да се менуваат во функција на остварување на мисијата на долг рок.

Толеранција кон ризик

Толеранцијата кон ризик е дефинирана од можноста за преземање на инвестициски ризик кој ја зголемува веројатноста од негативен принос во одредени периоди без притоа да се загрози остварувањето на примарната цел. Подеднакво, толеранцијата кон ризик е дефинирана и од односот или желбата на членовите и пензионираните членови за преземање на инвестициски ризик. Преземањето инвестициски ризик на фондот е изразено преку процентот на средства од фондот алоцирани во инструменти со варијабилен принос.

НЛБ Пензиски фонд има просечна/средна толеранција кон ризик.  Долгиот временски период до остварување право на пензија на неговите членови упатува на можност за преземање на повисок ризик. Сепак, регулаторните ограничувања и состојбите на домашниот пазар на капитал доведуваат до просечна/средна можност за преземање ризик. Фондот има ограничена подготвеност за преземање ризик поради социјалниот аспект на пензиското осигурување. 

Потреба за ликвидност

Потребaта за ликвидност е дефинирана од обврските на фондот кон своите членови. Средствата на фондот треба да содржат адекватно ниво на ликвидни средства за исплата на пензии на членовите. Со оглед на структурата на членството на Пензиски фонд во моментот, но и на подолг рок, фондот има ниска потреба од одржување на ликвидни средства за исплата на пензии на своите членови.

Временски хоризонт

Инвестициите на фондот треба да ја остварат целта во одреден временски хоризонт кој соодветствува на временскиот период до остварување на право на пензија на член со просечна возраст, кој е или ќе биде вклучен во фондот. Просечна возраст на членовите во НЛБ Пензиски фонд во моментот на креирање на оваа Инвестициона  стратегија е 34 години. Периодот до пензионирање, односно инвестицискиот хоризонт е над 28 години. Средствата на фондот се инвестираат во согласност со долгорочниот временски хоризонт.

Даночни импликации

Фондот е ослободен од данок на добивка од инвестициите на средствата во Република Македонија. Приносот од инвестициите во странски интрументи, во зависност од даночната регулатива каде тие се инвестираат, подлежат на данок. Друштвото при инвестирањето ги има предвид даночните импликации врз приносот на инвестициите. Друштвото, во сите случаи каде постојат услови согласно билатералните договори на Република Македонија за одбегнување на двoјното оданочување, бара враќање на платениот данок на добивка.

Регулаторни аспекти

Инвестициите на фондот се регулирани со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и подзаконските акти кои произлегуваат од тој Закон. Исто така, издвојувањата за пензиско осигурување кои се утврдени со законската рамка се еден од клучните фактори во дефинирање и остварување на мисијата на фондот.