Потпишан договор за пренос на сопственоста на 100% од акциите на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје

Почитувани членови и пензионирани членови,

Денес во Скопје е потпишан договор со кој започнува процесот на преносот на сопственоста на акциите на Друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.

Пензиското друштво (НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје) има дозвола за управување со средствата на два пензиски фонда:

• Отворен задолжителен пензиски фонд НЛБ Пензиски фонд и 

• Отворен доброволен пензиски фонд НЛБ Пензија плус.

Купувач на 100% од сопственоста на акциите на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје е САВА Ре дд. Љубљана, Словенија, компанија со четириесет годишно искуство во осигурителната индустрија која поседува седум друштва за осигурување и пензиско друштво, што ја прави една од поголемите групи за осигурување во Југоисточна Европа.  

Продажбата на Друштвото е високо регулиран процес кој подлежи на претходна согласност од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), што значи дека купопродажбата ќе се реализира откако новиот инвеститор ќе добие согласност од Агенцијата.

Процесот за продажба на Друштвото беше организиран и раководен од НЛБ д.д. Љубљана, во рамките на Одделот за корпоративни финансии. Тој беше спроведен отворено, а НЛБ Групацијата посвети големо внимание потенцијалните инвеститори да ги исполнуваат пропишаните законски услови за основање на Друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. 

Компаниите од НЛБ Групацијата и САВА РЕ Групацијата соработуваат успешно на Македонскиот пазар повеќе години. Соработката ќе продолжи и во иднина, а продуктите на Друштвото и понатаму ќе бидат достапни во сите експозитури на НЛБ Банка АД Скопје.

По завршување на процесот на продажба НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје ќе добие стратешки сопственик со големо искуство во осигурителната индустрија, со кој ќе се продолжи развојот и јакнењето на внатрешните капацитети и квалитети, кои пак дополнително ќе придонесат позитивно кон интересите на членовите на пензиските фондови со кои управува Друштвото.

Со почит,

НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје

 potpisuvanje dogovor

*Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk