НЛБ Нов пензиски фонд одбележа 10 години постоење

15.5.2015

Почитувани,

Ве известуваме дека НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје прослави 10 години од своето постоење. Системот на капитално финансирано пензиско осигурување во изминативе 10 години се развиваше стабилно во рамките кои се трасирани со пензиската реформа. Како директни учесници во системот, изградивме внатрешни капацитети  за соочување со сопствените надлежности и одговорности и заедно со останатите институции обезбедивме унапредување и развој на истиот.    Работењето на Друштвото во изминатите 10 години беше прилагодено на економските случувања во земјата и пошироко. Добивката од инвестирањето на средствата на задолжителниот пензиски фонд со кој управува НЛБ Нов пензиски фонд е повеќе од 65 милиони евра, а добивката од инвестирањето на средствата на доброволниот пензиски фонд НЛБ Пензија плус е поголема од 760 илјади евра. Заклучно со 30.4.2015 членството во задолжителниот пензиски фонд НЛБ Пензиски фонд  достигна *182.255 члена, нето средствата растат со задоволителна динамика и на крајот на април изнесуваат околу 273 милиони евра.  Доброволниот пензиски фонд има *7.904 членови преку професионални и индивидуални сметки и акумулација на нето средства од над 4,5 милиони евра.   НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и понатаму ќе се стреми кон исполнување на своите приоритети: остварување на позитивен финансиски резултат, контрола на трошоците, зголемување на капиталот и обезбедување на законски минимален износ на капитал од сопствени извори, зголемување на бројот на членството во двата фонда, пораст на средствата во фондовите, како и задржување на стабилноста и сигурноста на Друштвото и Фондовите.

Со почит, НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје

 

*извор: www.mapas.mk