Најчести прашања | Задолжителен пензиски фонд

Доколку сте член на еден задолжителен пензиски фонд и сакате да преминете во друг задолжителен пензиски фонд, треба да потпишете договор за премин со друштвото кое управува со другиот задолжителен пензиски фонд и да потпишете изјава за согласност за премин. Доколку членството во постојниот фонд ви е пократко или еднакво на 720 дена, треба да платите надоместок за премин, а доколку периодот на членство е подолг од 720 дена преминот е бесплатен.

Сè што треба да направите е да контактирате со пензиското друштво кое сте го одбрале ( или и со двете друштва ) и во контактот со лиценцираниот агент да ги дознаете сите потребни информации и да донесете одлука каде да се зачлените. Јавете се на телефонскиот број 02/15 500 или испратете ни e-mail на kontakt@npf.com.mk

Зачленувањето во Задолжителен пензиски фонд можете да го извршите во некоја од експозитурите на НЛБ Банка АД Скопје, во просториите на Друштвото на ул.„Мајка Тереза“ бр.1 во Скопје, или да побарате средба со агент на телефонскиот број 02 / 15 500.

За лицата кои се членови само на Државниот пензиски фонд (Прв столб), придонесот за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 18% од бруто-платата во целост се уплатува во Фондот за ПИОМ. Кај членовите на Задолжителниот пензиски фонд (Вториот столб) од 18% на придонес за пензиско осигурување од бруто-платата, 12% се уплатуваат во Фондот за ПИОМ, а 6% се уплатуваат во Задолжителниот пензиски фонд на индивидуалната пензиска сметка на осигуреникот. Третиот столб е доброволно пензиско осигурување потпомогнато со даночни стимулации од државата. Средствата се уплатуваат индивидуално, или од страна на работодавец на пензиската сметка на членот, а за истите не постои обврска за редовност во уплати или висина на уплати.

Задолжителни членови - Осигуреници кои за првпат се вработиле по 1.1.2003 година, задолжително членуваат во Вториот столб. Тие треба да одберат во кој Фонд сакаат да членуваат и тоа во период од 3 месеци по првото вработување. Доколку сами не изберат фонд ќе станат членови на Задолжителниот пензиски фонд во кој претходно биле времено распределени, по случаен избор од страна на надлежна државна институција.

Доброволни членови - Осигурениците кои за првпат се вработиле пред 1.1.2003 година се доброволни членови. Доброволните членови можат да бидат членови во Вториот столб, единствено, ако склучат договор за членство во задолжителен пензиски фонд, во рок од 3 месеци од нивното повторно вработување.

Мисијата на Друштвото во поглед на управувањето со фондот е остварување на оптимален принос на долг рок преку активно управување со средствата на задолжителниот пензиски фонд придржувајќи се кон толеранцијата за ризик, правилата и процедурите за мерење и управување со ризиците, законодавната рамка и внатрешно поставените лимити при инвестирањето. Така, средствата на пензиските фондови се инвестираат во државни и корпоративни обврзници, банкарски депозити, акции и удели во инвестициски фондови со цел остварување на соодветен принос во периодот на акумулација на средства односно пензиска заштеда на своите членови.  

На домашниот пазар на капитал, пензискиот фонд е еден од најголемите инвеститори, при што Фондот зазема значајно учество во сопственичката структура на најреномираните македонски компании кои котираат на Македонската берза. Изборот на компании кои се или ќе бидат дел од портфолиото на фондот го прави Секторот за инвестиции врз основа на редовни анализи кои ги оценуваат идните перспективи на овие компании а со тоа и очекуваниот принос од инвестирање во нивните акции.

На странските пазари, средствата на Пензискиот фонд делумно се инвестираат директно во акции на компании кои доаѓаат од земјите членки на Европската унија и ОЕЦД и кои од страна на Секторот за инвестиции се оценети како компании со релативно подобри долгорочни перспективи, а делумно се инвестираат во удели во инвестициски фондови преку кои се постигнува дисперзирана изложеност кон портфолио на акции и/или обврзници со одредени посакувани карактеристики. Дополнително, средствата на пензискиот фонд се инвестираат и во странски обврзници кои ги задоволуваат високите критериуми за квалитет и носат соодветен принос наспроти ризик. 

Правото да може да се користат средствата од индивидуалната сметка се стекнува со остварување на право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во општ случај тоа значи пензионирање на возраст од 62 години за жена, односно 64 години за маж, со остварен работен стаж од минимум 15 години. Членовите на Вториот столб ќе примаат пензија и од Фондот на ПИОМ и од институцијата овластена за исплата на пензија од Вториот столб.

Средствата од индивидуалната сметка на починатиот член се наследни, со исклучок во случај кога починатиот член има членови на семејството кои имаат стекнато право на семејна пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во таков случај институционално се врши проверка од кој пензиски столб семејната пензија би била повисока. Доколку пресметката на семејната пензија е повисока од Вториот столб, членовите на семејството кои остваруваат право на семејна пензија имаат право да се откажат од семејната пензија од Првиот столб и да користат, единствено, семејна пензија од Вториот столб.

Кога член на задолжителниот пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се искористи целиот износ на акумулираните средства на неговата сметка, со право на личен избор на членот, за избор на следниве пензиски модалитети: а) програмирани повлекувања обезбедени од пензиското друштво; б) привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет; в) доживотен непосреден ануитет кој ќе се исплатува од друштвата за животно осигурување (исплатата на ануитетите ќе се применува откако ќе биде издадена првата дозвола за вршење на работа на осигурување во класата на ануитети и исплата на ануитети за корисници на пензија).

Вашата идна пензија ќе зависи од повеќе фактори, но, пред сè, од висината на акумулираните средства на вашата сметка, како и од видот на избраниот пензиски модалитет.

Доколку промените некои од Вашите лични податоци од особена важност е веднаш да извршите ажурирање на личните податоци. Посетете некоја од експозитурите на НЛБ Банка АД Скопје или дојдете во седиштето на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и пополнете Барање за ажурирање/корекција на личните податоци во присуство на овластено лице/агент на Друштвото. Преку нашата интернет-страница имате можност и за on-line ажурирање/корекција на Вашите лични податоци.

НЛБ Банка АД Скопје и НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје се посебни правни лица, кои управуваат со посебни евиденции на лични податоци за своите клиенти/членови. Од таа причина потребно е да пополните посебен образец за ажурирање на личните податоци за двете институции.

Средствата акумулирани на сметките на членовите во пензиските фондови со кои управува Друштвото, се чуваат одделно од имотот и средствата на Друштвото кај Банка чувар на имот. Доколку пензиското друштво пропадне, надлежната агенција МАПАС ќе спроведе постапка за избор на друго друштво, кое го презема управувањето со средствата на пензиските фондови.

Доколку сега повторно се вработувате и доколку имате стаж пред 1.1.2003 година, постои можност зачленувањето во Вториот столб да има негативни последици за Вас, ако работниот стаж ви е повеќе од 5 до 7 години. Задолжително побарајте нè на телефонскиот број 02/15500 каде со повеќе информации детално ќе го разгледаме Вашиот случај. За правилно информирање препорачуваме пред зачленување да побарате Извештај од Фондот на ПИОМ за Вашиот досегашен работен стаж.